Белорускиот претседател Александар Лукашенко неодамна ги покани странските медиуми во Палатата на независноста на брифинг, вклучително и дописникот на Би-Би-Си во Минск, и разговараше со нив околу четири часа за актуелните прашања.
Наместо да ги расветли последните настани поврзани со бунтот на шефот на „Вагнер“ во Русија, во чие решавање тој беше главен посредник, Лукашенко, како што оценува Би-Би-Си, уште повеќе ја „замати водата“.
Според договорот меѓу вагнеровците и Кремљ, Евгениј Пригожин требаше да се пресели во Белорусија заедно со некои од неговите борци.
Тоа не се случи. Барем не се уште.
„До утрово, борците од Вагнер, оние најсериозните, сè уште се во логорите во кои се повлекоа од Бахмут. Што се однесува до Пригожин, тој е во Санкт Петербург. Или можеби утрово замина за Москва. Или можеби некаде на друго место. Но, тоа не е во Белорусија“, рече Лукашенко.
Репортерот на Би-Би-Си потоа го праша белорускиот лидер дали тоа значи дека договорот пропаднал, а тој го негираше тоа. Впечатокот на новинарот беше дека сè изгледа како да „зад сцената се водат разговори за кои не сме информирани“.
Кога станува збор за самиот бунт на 24 јуни, кога Пригожин испрати конвој од борци на „Вагнер“ кон Москва и се откажа од таа намера, Москва и Минск се чини дека не се едногласни.
Руската државна телевизија објави дека претседателот Владимир Путин излегол од овие драматични настани како херој.
„Мислам дека никој не излезе од таа ситуација како херој. Ниту Пригожин, ниту Путин, ниту Лукашенко. Нема херои. И лекцијата од сето ова? Ако создадеме вооружена група како нив, мора да ги држиме на око и да им обрнеме сериозно внимание“, рече Лукашенко.