Во петокот пред самитот на НАТО, Литванија, Полска и Летонија ја изразија својата загриженост во писмо до алијансата во врска со ситуацијата во Белорусија, чиј претседател во четвртокот го потврди трансферот на руското тактичко нуклеарно оружје во неговата земја.
Соработката меѓу Белорусија и Русија ја поткопува безбедноста на регионот и на целата евроатлантска област, се вели во писмото објавено во петокот, потпишано од литванскиот претседател Гитанас Науседа, полскиот претседател Анджеј Дуда и летонскиот претседател Егилс Левитс.
Непосредно пред самитот на НАТО следната недела во Вилнус, тројцата шефови на држави повикаа на „солидарност и единство“ за да се спротивстават на, како што ги нарекоа, различните закани што произлегуваат од ситуацијата во Белорусија.
Авторите на писмото ја обвинуваат Русија дека ја користи белоруската територија и ресурси за нејзината „незаконска и брутална агресивна војна против Украина“.
Тие рекоа дека тоа се манифестира во сè поблиската воена интеграција на Москва и Минск, а последен пример за тоа е распоредувањето на тактичко воено оружје во Белорусија.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко во четвртокот го потврди трансферот на руското тактичко нуклеарно оружје во неговата земја.
Науседа, Дуда и Левитс, исто така, предупредија за можните ефекти од префрлањето на борците на платеничката група „Вагнер“ и нејзиниот основач Евгениј Пригожин во Белорусија. Се очекува борците на „Вагнер“ да заминат во Белорусија по нивниот неуспешен обид за државен удар.
Тоа „би претставувало ризик за политичката стабилност во Белорусија и, како резултат на тоа, потенцијално губење на контролата врз конвенционалното и нуклеарното оружје“, напишаа тие.
Доаѓањето на групата „Вагнер“, исто така, може да послужи како поттик за авторитарното раководство во Минск да донесе уште повеќе мигранти од трети земји на надворешните граници на ЕУ за да изврши притисок врз Западот, додадоа тројцата претседатели.