Централниот одбор на СДСМ денеска одржал онлајн седница на која се донесени неколку заклучоци. Меѓудругото се оценува дека скрининг процесот во рамки на преговорите со ЕУ се одвива добро и наскоро ќе финишира успешно. Владата предводена од СДСМ, заедно со коалициските партии, како што се потенцира, останува посветена на реформите потребни за продолжување на европскиот пат на земјата и остварување на стратешката цел, членство во ЕУ.
-Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја – членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени, посочуваат од СДСМ.
Во соопштението се потенцира и дека во наредните две недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа тие ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура.
По спроведените економски мерки како одговор на глобалната економска и енергетска криза, македонската економија, како што оценуваат во владејачката партија, продолжува да расте во позитива, економската активност се зголемува, инфлацијата бележи константно намалување со месеци и веќе е сведена на едноцифрени 9 проценти.
-Ова се охрабрувачки податоци и потврда за успешност на економските политики на Владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи, економијата да продолжи да расте, да остане трендот на зголемување на инвестициите, новите работни места и платите, потенцираат од СДСМ.