НОВИОТ ЛИК НА СКОПЈЕ: Градот преполн со ѓубре и неподнослива миризба, проблемите во Комунална ЕСКАЛИРАА

од Vladimir Zorba
658 прегледи

Ваква е сликата и денеска во скопските општини, откако тони ѓубре не се собрани од ЈП Комунална хигиена Скопје. Градот личи на депонија, а се шири неподнослива миризба насекаде во Скопје.

Директорката на претпријатието, Косана Мазнева вчера обвини група вработени кои 15 години работеле исклучиво во трета смена и од тие причини се создавале вакви проблеми.

Најголем дел од овие луѓе биле нередовни и не ги извршувале своите работни обврски, голем дел од нив не се појавувале на работа, но биле запишани и за прекувремени работни часови и за работа во време на неработни денови.

Мазнева додаде дека оваа група се обидела да ја блокира работата на Комуналното претпријатие блокирајќи ја механизацијата и вработените кои сакале да завршуваат свои работни задачи, а имало кон вработените и закани кон нивните животи.

Затоа, вели таа, среде лето не се собира ѓубрето и се загрозува здравјето на граѓаните на Скопје.

Инаку, дел од вработените во Комунална хигена неколку дена бараат средба со директорката барајќи повисоки плати, исплата на К-15 и бенфициран стаж.

Мазнева на прес-конференцијата информираше дека на вработените во Комунална им биле зголемени платите во март за 864 денари. Таа истакна дека договорите за работа не им се продолжени на оние кои воопшто не се појавувале на работното место.

Во меѓувреме тензична ноќ во просториите на Скопска Комунална хигиена откако вработени се собрале и барале да им се продолжат договорите на оние кои, според Мазнева, не се појавувале на работа, а биле вработени по партиски клуч.

Дел од вработените се солидаризирале со тие на кои им престанале договорите и ги спречувале и другите работници од трета смена да излезат и да го соберат ѓубрето.

Мазнева, според ТВ 21, ноќеска повикала полиција во дирекцијата на Комунална Хигиена.

Слични содржини