Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Србија.
Милатовиќ во понеделник во Белград ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ.
Официјалниот прием ќе се одржи пред Палатата Србија во 10:15 часот, по што ќе следи средба на претседателите Вучиќ и Милатовиќ и разговори на делегациите на Србија и Црна Гора, официјално е соопштено.
Милатовиќ во саботата за ТВ Црна Гора изјави дека фокусот на неговата посета на Белград ќе биде целосно нормализирање на односите со Србија како важен економски партнер.
Според него, најважен сегмент од посетата ќе биде повторно размената на амбасадори, бидејќи ниту Србија има амбасадор во Подгорица, ниту Црна Гора има амбасадор во Белград.
Милатовиќ рече дека ќе го покани претседателот Вучиќ да дојде во Црна Гора и изрази уверување дека тоа ќе го прифати.
Во рамки на посетата се очекува Милатовиќ со воени почести да положи венец на Споменикот на незнајниот херој во Авала и цвеќе пред ОУ „Владислав Рибникар“, соопшти Претседателството на Црна Гора.
Во чест на посетата на претседателот, Амбасадата на Црна Гора ќе приреди прием во Црногорската куќа во Белград.
Посетата на Милатовиќ на Србија за зајакнување на политичките и економските односи меѓу двете земји и подобрување на регионалната соработка, како што најави претходно, е прва по неговите официјални посети на Брисел и на институциите на Европската унија и НАТО.