СДСМ утрово го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека е виновен за случувања во „Комунална хигиена“ и тоа што неколку дена не беше собран сметот од градските контејнери.
-Христијан Мицкоски е директно одговорен за што Скопје се дави во ѓубре. Затоа Мицкоски излегува и глуми загрижен, неговото појавување покажува дека знае, негова е одговорноста за хаосот во Скопје со ѓубрето, велат од владеачката партија.
Потенцираат дека директорката на јавното претпријатие, Косана Мазнева е „кадар на Мицкоски, поранешна пратеничка на ДПМНЕ која на директорското место дојде од неговиот кабинет каде беше негова советничка“.
-На Скопје секогаш му се случува хаос кога ДПМНЕ ќе добие глас од граѓаните за да биде власт. Со чистење на ѓубре Мицкоски и ДПМНЕ не можат да се снајдат, а не со нешто повеќе. Каков развој, какво модерно, поради ДПМНЕ и Мицкоски на Скопје му се случува уште една катастрофа.
Контејнерите за ѓубре во Скопје се преполни поради протест на работниците на „Комунална хигиена-Скопје“, кои бараат повисоки плати, подобри услови за работа и враќање на вработените во претпријатието, кои беа отпуштени изминативе денови.
Мазнева на вчерашната прес-конференција рече дека добивала закани од одредени вработени, а протестот на работниците почнал кога издала наредба да се ротираат во трета смена, бидејќи во таа смена речиси 15 години работеле истите, а некои од нив не доаѓале на работа.
„Нема да дозволам „Комунална хигиена – Скопје“ и сите граѓани да бидат во заложништво. Сите закани по мојот живот и вработените во компанијата се уредно пријавени во МВР од каде очекувам брза реакција. Во последните 15-20 години истата група луѓе постојано работат трета смена, што е незаконски. Тие земаат додатоци за ноќна работа од 35 проценти и поради нив никој друг не може да работи во оваа смена“, рече директорката на „Комуналец“.