Претседателот на Управниот суд во Скопје, Бурим Сејдини, добил кривична пријава од вработените поради сомнение за злоупотреба на службената должност.
Според кривичната пријава која е испратена до Финансиската полиција, Комисијата за спречување на корупцијата, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, првиот човек на скопскиот Управен суд се обвинува за рачна распределба на предмети со злоупотреба на АКМИС системот, како и за вработување спротивно на законот односно постоење на конфликт на интереси и за намерно застарување на 190 предмети кои се однесуваат на финансиски предмети на Царината и УЈП за периодот од 2021 до 2023 година.
Според анонимните пријави од вработени, Сејдини е осомничен и дека неодамна вработил две лица во судот, но според нив, тоа е спротивно на законот бидејќи се работи за мајка и ќерка и дека во овој случај има конфликт на интереси.
Зa кривичната пријава бил известен и Судскиот совет, кој во средата иницирал формирање на комисија која треба да изврши контрола во Управниот суд, но нејзиното формирање било одложено за септември.