ЕУ ќе обезбеди 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија и со тоа ќе придонесе за економската стабилизација и реформските процеси во земјата. Вкупниот износ ќе биде во форма на заеми и ќе биде достапен во две еднакви транши, соопшти денеска Советот на ЕУ.
Се наведува дека македонската економија е значително погодена од рецесијата предизвикана од пандемијата и енергетската криза поради руската агресија врз Украина и големата зависност на земјата од увоз на гориво и електрична енергија.
Макрофинансиската помош на ЕУ следи по двегодишната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во износ до 530 милиони евра и ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, кои се идентификувани во програмата на ММФ.
Предуслов за одобрување на макрофинансиската помош е Северна Македонија да ги почитува демократските механизми, вклучително и повеќепартискиот парламентарен систем и владеењето на правото и да гарантира почитување на човековите права.
Во соопштението на Советот се наведува дека Европската комисија и македонските власти ќе се договорат за јасно дефинирана економска политика и финансиски услови, со фокус на структурните реформи и здравите јавни финансии, за кои ќе оди помошта.
Одлуката на Советот влегува во сила третиот ден од денот на објавувањето во службениот весник на ЕУ.
Македонија побара макрофинансиска помош од ЕУ во април 2022 година, во услови на влошена економска состојба и изгледи. Комисијата потоа го стави барањето во мирување, а владата во Скопје го обнови во октомври.