Се враќа на почеток судењето за родилката која остана без три органи

од Nikola Popovski
217 прегледи

Судењето за случајот со родилката Јалдз Веапоска, на која ѝ беа извадени матката, бубрегот и јајчникот, повторно се одложи поради тоа што и вториот судија кому му е доделен предметот ќе се пензионира.

После долго одолговлекување, судскиот процес се враќа на почеток, бидејќи и обвинителот Благоја Даскаловски заминува во пензија.

„Ова е само купување време, првиот судија, кој го зеде мојот предмет, замина во пензија, ставија нов судија, но како што кажа и самиот тука заврши и неговото судење затоа што и тој ќе оди во пензија и дека ќе дојде нов судечки судија, кој ќе го земе мојот предмет“, изјави револтирано Веапоска.

Таа додаде дека нема никакво очекување и не верува во судот.

„Доктор Драги Дабески, кој требаше денеска да биде тука, кој е на страната на обвинетите, има направено спротивно вештачење на вештачењето на Институтот на судска медицина“, додаде таа. Вештакот отсуството го оправда со годишен одмор.

Според вештачењето на Дабески, докторите професионално си ја вршеле работата, ако не ја завршеле работата, ќе дошло до смртен исход, вели Веапоска.

„Јас правдата колку години ќе ја барам – не знам бидејќи сум доста физички оштетена, половина човек сум. Можеби до мојата смрт правда ќе има. Додека сум жива, нема да се откажам од правдата. Не знам колку психички ќе можам да го издржам сето ова малтретирање“, изјави Веапоска.

Д-р Мухамед Асани, кој е првообвинет е поранешен директор на Струшката болница. Второобвинетиот е негов син, Блертон Асани, како лекар-специјализант по гинекологија, а третообвинета е докторката Лилјана Јованоска.

Според обвининето, тројцата лекари се товарат дека на родилката Веапоска и биле отстранети бубрег, матка и јајник. Како што е појаснето при породувањето со царски рез и ја оштетиле левата бубрежна артерија, но не презеле мерки, туку и давале терапија при што паднала во шокова состојба. Повторно ја оперирале и ја отстраниле матката и левиот јајник иако не биле оштетени. Крварењето не престанало па со втор зафат утврдиле дека е оштетена артерија. Тогаш и бил отстранет и левиот бубрегот и била пренесена на КАРИЛ во Скопје.

Судскиот процес почна во јуни минатата година, но поради отсуство на обвинетите, како и пензионирање на првиот судија, неколку пати беше одлаган.

Слични содржини