Русија денеска објави дека членството на Украина во воената алијанса на НАТО ќе има многу негативни последици за европската безбедносна архитектура и дека Москва решително ќе одговори на секој таков чекор, пренесува „Ројтерс“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, зборуваше во пресрет на самитот на НАТО во Литванија, чија цел е да се покаже солидарност со Украина, без се уште да се прифати Киев како членка на алијансата.
„Го знаете апсолутно јасниот и конзистентен став на Руската Федерација дека членството на Украина во НАТО ќе има многу, многу негативни последици за безбедносната архитектура, веќе полууништената безбедносна архитектура во Европа. И тоа ќе биде апсолутна опасност, закана на нашата земја, што ќе бара доволно јасна и цврста реакција“, изјави Песков за новинарите.
Русија ја започна својата војна во Украина минатата година, нарекувајќи ја „специјална воена операција“, откако побара и не успеа да ги добие како што рече „безбедносните гаранции“ од Западот дека на нејзиниот сосед никогаш нема да му биде дозволено да се приклучи на НАТО.
Соединетите Американски Држави (САД) рекоа дека Украина треба да биде слободна да одлучува за своите сојузи.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг јасно стави до знаење дека Киев нема да стане членка додека трае војната и дека нема да биде официјално поканет на самитот во Вилнус.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави претходно денеска дека НАТО одлучил да се откаже од барањето Киев да го следи Акциониот план за членство (МАП) како дел од неговиот пат кон приклучување кон воената алијанса, објави „Ројтерс“.