Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека било вклучено во грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски.
Како што велат од ОЈО, ссомничениот на 3 март, заедно со уште две други лица против кои веќе се води истрага, учествувале во дејствија на грабнување на едно лице во Кисела Вода.
Се преземаат дејствија за лишување од слобода на осомничениот.
26-годишниот Костадиновски, кој е внук од сестра на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, исчезна пред повеќе од четири месеци. Тој последен пат бил виден во близина на Чешката амбасада на Водно, како влегува во автомобил, во кој имало уште неколку лица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пред отприлика еден месец соопшти дека истрагата за Костадиновски е сè уште во тек и се преземаат низа криминалистички дејствија.
Тоа што е досега познато, како што посочи министерот, е дека се упасени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.
-Од страна на судот определена е мерка притвор којашто се продолжува заради тоа што има основ, односно може да има опасност од бегство или да влијае врз сведоците, кажа Спасовски.
Во петокот беше пукано кон таткото на Самоил Костадиновски. Тој во моментов е во болница во стабилна состојба, а напаѓачот е во бегство.
-На 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ.К (57) пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ за укажување лекарска помош. Полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски во обраќања до јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син.