Во Вилнус се одржува вториот ден од самитот на НАТО, каде една од главните теми е членството на Украина во Северноатлантската алијанса.
На самитот се собраа лидерите на 31 земја на НАТО.
По одлуката на Турција повеќе да не го запира приемот на Шведска во Северноатлантскиот сојуз, има позитивни реакции од светските лидери, пренесуваат агенциите. Американскиот претседател Џо Бајден, кој вчера пристигна во Вилнус на самитот на НАТО, ја поздрави согласноста на турскиот претседател Ердоган за шведско членство во алијансата, кое тој го блокираше повеќе од една година.
„Подготвен сум да соработувам со претседателот Ердоган и Турција во зајакнувањето на одбраната и одвраќањето во евроатлантската зона“, се вели во соопштението на Бајден, истакнувајќи дека „едвај чека“ Шведска да стане 32-та членка на НАТО.
Денеска на самитот ќе се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој во Литванија пристигна крајно незадоволен бидејќи Украина не доби јасна временска рамка.
Истакна дека секоја неизвесност околу статусот на членство на Украина во НАТО алијансата ја мотивира Русија да продолжи да го уништува и тероризира нејзиниот народ и земја.