Маричиќ со О’Брајан: Довербата и поддршката од САД ги имаме, да останеме фокусирани на стратешката цел

од Nikola Popovski
168 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со шефот на Одделот за координација на санкции при Стејт Департментот и именуван помошник Државен секретар за Европа и Евро-Азија, амбасадорот Џим О’Брајан, со кој разменија мислења за актуелните процеси кои ги води Северна Македонија и за улогата на нашата држава во зачувувањето на регионалната стабилност.

Вицепремиерот Маричиќ нагласи дека досегашната несебична пријателска поддршка на Соединетите Американски Држави одиграла важна улога во зачувувањето на стабилноста и мултиетничката хармонија во македонското општество, како и во остварувањето на стратешкиот интерес – членството во НАТО. Во тој контекст Маричиќ изрази очекување дека плодната соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во процесот на интеграција во ЕУ, како и во исполнувањето на реформската агенда.

Пораката на Џим О’Брајан, шефот на Одделот за координација на санкции при Стејт Департмент и именуван помошник Државен секретар за Европа и Евро-Азија, кој има одлично познавање на состојбите во Западен Балкан беше дека Северна Македонија мора да остане непоколеблива во исполнувањето на визијата за ЕУ и е на добар пат да ја обезбеди европската перспектива, која ќе ја направи клучен фактор за регионалната стабилност и дефинирањето на новите европски граници.

Маричиќ се заблагодари на О’ Брајан што САД го препознава нашето лидерство и што ја цени решителност и посветеност на реформите кои како што рече тој, „мораме да ги продолжиме подинамично, со посебен акцент на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како главни предуслови за напредок во евроинтеграцијата”.

Соговорниците на средбата се согласија дека довербата и сојузништво кои ги имаме во НАТО, заедно со стратешкото партнерство, ги унапредија односите меѓу двете земји и зајакнаа подготвеноста на американската администрација да дава силна поддршка на Северна Македонија во преговорите со ЕУ, со цел побрзо достигнување на европските вредности и исполнување на нашата стратешка цел

Имајќи ја предвид важноста на процесот на преговори со ЕУ за просперитетот и развојот на регионот, вицепремиерот го изрази своето задоволство од вниманието кое САД го посветува на Западен Балкан, со уверување дека македонската Влада ќе ги направи сите напори да остане Северна Македонија позитивен пример и промотор на евроатлантските вредности во регионот.

Во рамки на официјалната посета на Вашингтон, вицепремиерот Маричиќ придружуван од државната секретарка при Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, ќе оствари средба и со американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Габриел Ескобар.

Слични содржини