Алијанса бара да му се забрани влез на Мерко во зградата на општина Струга

од Nikola Popovski
583 прегледи

Советниците од Алијанса за Албанците од Струга најавија дека ги прекинуваат сите контакти со градоначалникот Рамиз Мерко и ги повикаа надлежните државни институции да му забранат влез во зградата на општината, бидејќи како што велат, постои основано сомнение за дејствија на прикривање на докази додека трае истрагата.

Партијата на Арбен Таравари ги повикува другите партии по исцрпување на актите од страна на правните и извршните инстанци да се договорат и создадат законски услови за одржување на предвремени локални избори во Општина Струга за градоначалник на општината.

Од таму велат дека нема да гласаат за ниту една годишна сметка, финансиски извештај или урбанистички план кој ќе биде доставен до Советот на општина Струга, со потпис на Мерко.

Вчера беше соопштено дека Комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија изврши вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против лицето Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник.

Во текот на работата, Комисијата имала увид во вкупно 30-тина заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети Комисијата испратиле укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.

Слични содржини