Првиот човек на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, Мустафа Хајрулахи вчера соопшти дeка поднел дисциплински и информација во форма на кривични пријави против двајца колеги, по тврдењата на сопственикот на „Доказ М“, Марјан Стаменковски, за наводна инволвираност на обвинители во неговите текстови.
„После јавната седница закажана на 17 мај, и откако сегаосудениот Марјан Стаменковски, ги обзнани информациите дека наводно некои од јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје контактирале, односно му брифирале за наводните случувања во Вишото јавно обвинителство Скопје, затоа потенцирам наводните случувања во Вишото јавно обвинителство.
Јас како виш јавен обвинител на ова обвинителство се обратив и побарав писмена информација од ОЈО каде што се води предистрага за предметот за финансиските средства на Стаменковски и имаат запленети мобилни телефони, компјутерите и веќе се извештачени побарав детална информација од страна на шефот на ОЈО и истиот ми одговори на побараните информации“, рече Хајрулахи во изјава за Тв Канал 5.
Тој додава дека од информациите кои што ги добил поднесол предлог за дисциплинска одговорност против двајца обвинители до Комисијата за дисциплинска одговорност на јавните обвинители.
Стаменковски, на 17 мај побара изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од постапката.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси, бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации кои што се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, има барано извинување од мене, но и за други предмети“, рече тогаш Стаменковски.
Обвинителот Сашо Рајчев ги негираше тврдењата и рече оти не го познава Стаменковски.