Украинските државни железници основаа нова товарна компанија која ќе работи во Европа за да ги подобри трговските и логистичките врски, изјави денеска украинскиот вицепремиер Олександр Кубраков. Железничките патишта кон Запад беа спас за Украина и нејзината економија откако руските трупи влегоа на украинска територија во февруари 2022 година, дозволувајќи им на милиони граѓани да побегнат на безбедно и одржувајќи врски за надворешна трговија и хуманитарна помош.
Новата компанија, Ukrainian Railways Cargo Poland, ќе обезбедува товарни услуги, ќе се координира со европските железнички компании, сопствениците на товар и граничните премини и ќе го контролира украинскиот возен парк во странство, објасни украински функционер. Денеска европската насока на железничкиот транспорт е важна за Украина бидејќи треба да овозможи брза логистика и поддршка за украинската економија, рече Кубраков.
„Создавањето европски оператор ќе овозможи значително подобро управување со карго транспортот во правец на Европа. Во исто време ја модернизираме граничната инфраструктура, зголемувајќи го нејзиниот капацитет“, додаде украинскиот владин претставник. Тешкотиите на рутите на Црното Море ја истакнаа потребата на Украина да ги подобри прекуграничните железнички врски како алтернатива на морските патишта, забележува Ројтерс.
Украина го префрли најголемиот дел од својот извоз на железница и патишта, а владата истовремено работи со соседна Полска за да ги усогласи железничките пруги во западна Украина според европските стандарди за да го елиминира метежот.