Вооружените сили на Украина веќе ја добија спорна касетна муниција која Вашингтон ја вети за Киев за да ѝ помогне во нејзината контраофанзива против руските сили, изјавија во четвртокот воени претставници од двете земји.
„Штотуку ја добивме, сè уште не сме ја искористиле, но може радикално да ја промени ситуацијата на бојното поле“, изјави командантот на контраофанзивата на југот на земјата, Олександар Тарнавски во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен.
САД минатата недела објавија дека ќе го испратат оружјето во Украина, и покрај загриженоста за долгорочните последици за цивилното население.
„Непријателот разбира дека со добивањето на оваа муниција ќе добиеме предност“, додаде Тарнавски, нагласувајќи дека украинската армија нема да ја користи во многу населени области.
„Русите мислат дека ќе ја користиме во сите области на линијата на фронтот. Тоа не е точно“, рече тој.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека одлуката за испраќање касетни бомби во Украина е „тешка“, но посочи дека на Киев му требаат дополнителни количества оружје за да ги наполни празните складишта и дека самите САД почнуваат да остануваат без конвенционална муниција.
Касетните бомби испуштаат стотици помали бомби кои, неексплодирани, можат да останат во земјата и да претставуваат опасност за цивилите долго по завршувањето на конфликтот.
Тие се забранети во многу земји, вклучително и европските земји потписнички на Конвенцијата од Осло во 2008 година. Русија, Украина и САД ја немаат потпишано таа конвенција.
Кремљ веќе се закани со „контрамерки“ доколку Киев ги употреби тие бомби против руските војници во Украина.