Поради острите критики на украинскиот претседател Володимир Зеленски кон НАТО, американските претставници сакаа да ја изменат завршната изјава од самитот на Алијансата во Вилнус и да го тргнат зборот „покана“ од неа во контекст на членството на Киев, пишува „Вашингтон пост“.
„Агресивниот твит на украинскиот претседател оваа недела, во кој тој ги критикуваше лидерите на НАТО за бавното темпо на приемот на неговата земја ослабена од војната во алијансата, толку ја вознемири Белата куќа што американските претставници вклучени во процесот размислувале за повлекување на ‘поканата за Киев’“, пишува весникот, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Според извештаите, по јавната опомена на Зеленски која ја „разбесни делегацијата“ на САД, американските власти го покренаа прашањето за преиспитување или исклучување на формулацијата што се однесува на фактот дека членките на НАТО можат да „испратат покана до Украина за приклучување“ кога „ќе се договорат и кога за тоа ќе бидат исполнети условите“.
Сепак, како што е прецизирано, не сите американски претставници во Вилнус го делеле мислењето дека зборот „покана“ треба да се отстрани од документот, па на крајот е постигнат договор да се одложи објавувањето на конечната објава. На крајот, оние кои беа најмногу вознемирени од реакцијата на Украина дојдоа до заклучок дека е подобро да се задржат на оригиналниот текст, пишува „Вашингтон пост“.
Првата верзија на документот ја поддржа францускиот лидер Емануел Макрон, кој беше поддржан и од балтичките земји и земјите од Централна Европа.
Се нагласува дека овој инцидент покажува фрустрација во НАТО поради постапките на Зеленски, а дека дури и „некои од неговите најжестоки поддржувачи“ се прашуваат дали тој дејствува во интерес на Украина.
За потсетување, Зеленски, пред неговото патување во Вилнус, на Твитер го изрази своето незадоволство бидејќи НАТО нема намера на самитот да носи конкретни одлуки за временската рамка кога Киев ќе биде поканет во Алијансата.
Тој напиша дека „Украина заслужува почит“, а „неодлучноста на партнерот“ ја окарактеризира како слабост.
После тоа медиумите објавија дека членовите на американската делегација на самитот на НАТО „биле бесни“ поради критиките на украинскиот претседател.
Во завршниот документ од самитот се наведува дека поканата за НАТО ќе биде испратена до Украина по постигнување договор меѓу сојузниците и исполнување на условите за тоа, пренесува „Спутник“.