Со решението кое го усогласивме заедно со синдикатите, мислам дека го постигнавме тој баланс. Имено, со септемвриската плата годинава, сите вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување од 10% на постојните плати, додека со воспоставениот систем за усогласување на минималната плата, во март имаше усогласување од 5% за околу 62.000 вработени во буџетските корисници, односно административни, судски и обвинителски, царински службеници, вработени во МВР и АРМ, здравствени установи, детска грижа итн. Со ова кумулативното покачување е повисоко од стапката на инфлација за минатата година, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својата редовна колумна.
„На сите вработени во јавниот сектор до крајот на годинава ќе им биде исплатен и регрес (К-15) за 2023 година во износ од 10.000 денари, додека понатаму во општиот колективен договор регресот ќе се дефинира на минимум 30% од просечната нето плата (со исклучок кога во еден од претходните четири последавателни квартали нема негативен раст на реалниот БДП).
Но, ќе нагласам, најважната одлука која ја донесовме минатата недела е системското решение за индексирање на платите во јавниот сектор со просечната плата на ниво на економијата во рамките на номиналниот раст на БДП. Усогласувањето на платата во јавниот сектор од март 2025 година ќе се врши така што просечната плата ќе се множи со коефициент. Со овој чекор ќе добиеме еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд, кој ќе биде праведен и транспарентен за целиот јавен сектор. Имаме транзициски период од околу две години за имплементација на ова решение, што е сосема доволен период со оглед на тоа дека станува збор за крупна реформа и треба беспрекорно да се спроведат сите активности поврзани со неа, вклучително и измена на законската рамка, општиот колективен договор и утврдување на коефициентите.
Ќе напоменам дека најверојатно ние ќе бидеме првата земја во светот која платите во јавниот сектор ќе ги индексира со просечната плата, што ќе обезбеди континуирано прилагодување на платите преку следење на движењата на пазарот на труд и продуктивноста. Околу 20%, или пет земји од еврозоната платите во јавниот сектор целосно или делумно ги усогласуваат со стапката на инфлација, додека само две (Белгија и Луксембург), автоматски ги усогласуваат платите. Кај дел од земјите во ЕУ и регионот се индексира само минималната плата во јавниот и/или приватниот сектор.
Да потсетам дека минатата година поставивме систем за усогласување на минималната плата во јавниот и приватниот сектор, каде индексирањето покрај трошоците за живот, на годишно ниво, се врши и со растот на просечната плата. Целта е покрај социјалниот елемент (трошоците за живот), да се следи и развојниот елемент (растот на продуктивноста). Воспоставен е и систем на усогласување на пензиите по истиот принцип. Во 2025 година, со ставањето во функција на системот за платите во јавниот сектор, ќе биде заокружен овој суштински процес за социјалните и работнички права и односи“, истакнува Бесими.