Штрајкот во италијанскиот воздушен транспорт во саботата резултираше со откажување на речиси илјада летови, објави во неделата новинската агенција АНСА.
Според синдикатот кој го свика штрајкот, на него учествувале речиси сто проценти од вработените кои се очекувало да штрајкуваат, наведува агенцијата.
Неколку стотици летови беа откажани само на главните италијански аеродроми во Рим, Милано, Неапол и Венеција, при што беа погодени околу 250.000 патници.
Здружението за заштита на потрошувачите „Кодаконс“ смета дека штетите поради откажување и доцнење се во милиони, пренесува АНСА.
Покрај копнениот персонал, штрајкуваа и пилотите на „Малта Ер“, кои управуваат со летовите на „Рајанер“ во Италија, како и пилотите и стјуардесите на нискобуџетната авиокомпанија „Вуелинг“.
Ова беше втор голем штрајк во Италија, по штрајкот на железницата во четвртокот што предизвика значителен прекин на јавниот транспорт.
Штрајковите ја погодуваат земјата, популарна дестинација за одмор, во екот на шпицот на туристичката сезона и топлотниот бран.