Мехај: Kосово треба да биде 33-та земја која се зачленува во НАТО

од Stefanija Kuzmanovska
382 прегледи

Косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, по повод денешното претставување на дроновите Бајрактар ТБ-2 што владата ги купи од Турција за Безбедносните сили на Косово (ФСК), изјави дека Косово ќе биде 33-та земја што ќе се зачлени во НАТО.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, по претставувањето на новокупените турски дронови, заедно со премиерот Албин Курти и командантот на ФСК, Башким Јашари, Мехај порача дека Косово ќе продолжи посветено да ги извршува своите обврски и заедно со меѓународните партнери ќе ја оствари намерата за зачленување во НАТО.

„Наредните проекти ќе бидат големи чекори во правец на развојот на нашата сила. ФСК, со борбениот дух наследен од ОВК (Ослободителната војска на Косово) и со новата опрема која ја набавуваме секојдневно, станува нескршлива војска и гарант на мирот. Република Косово треба да биде 33-та земја која се зачленува во НАТО, нашите задачи на тој пат ќе ги извршуваме посветено и заедно ќе го реализираме и тој стремеж“, напиша Мехај.

Тој ја оцени набавката на новата опрема за косовската војска како огромен проект, кој е успешно завршен „со силната поддршка на меѓународниците“.