„Вајмарската тројка“ денеска во Скопје, ќе разговараат за преговорите со ЕУ и уставните измени

од Nikola Popovski
372 прегледи

За денеска во земјава е најавена посета на нова европска тројка министри за надворешни работи кои ќе разговараат за преговорите на Македонија со ЕУ, но и обврските што ги презедовме на тој пат, меѓу кои се и уставните измени. Од Секретаријатот за европски прашања објави дека во земјава ќе пристигне „Вајмарската тројка“ составена од Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.

Домаќин ќе им биде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со кого тие ќе одржат работен состанок, а тема на разговор ќе бидат преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, по што ќе имаат заедничка прес-конференција.

„Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието и со координаторите на пратеничките групи.

Пред неколку дена во работна посета на државата беа тројцата министри во Славков (Аустерлиц) формат, и тоа: министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски, ополномоштени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија Жосеп Борел за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ по однос на прашањата поврзани со нашето евро-пристапно досие. Порачааа дека Македонија мора да го искористи моментот затоа што ова е единствената шанса. Порачаа и дека сега не е време да се одржуваат избори.

Слични содржини