Украинската воена разузнавачка служба денеска соопшти дека поради оштетувањето на мостот на Крим, Русите ќе имаат проблеми со логистиката.
Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) Андриј Јусов изјави дека мостот е „вишок градба“ и дека службата нема да го коментира инцидентот утринава на мостот на Крим во кој загинаа две лица, а едно дете беше повредено.
„Сега целиот свет може да ги види километрите сообраќаен метеж и оштетувањето на структурата на мостот. Што се однесува до дополнителни коментари во врска со инцидентот, нема да има. Можам само да ги цитирам зборовите на шефот на ГУР, Кирил Буданов, дека мостот на Крим таму е непотребна градба“, напиша Јусов на Твитер.
Тој додаде дека Русите го користат Крим како главен логистички центар за префрлање сили и опрема длабоко на територијата на Украина и дека поради оштетувањето на дел од мостот „ќе имаат проблеми со логистиката“.
Сообраќајот е прекинат на главниот мост што ги поврзува Крим и руската област Краснодар по инцидентот, соопштија утринава руските власти.
Соопштено е и дека во инцидентот е повреден малолетник.