Министерот за ЕУ на Република Полска Шимон Шинковски, кој е во Скопје, во рамки на посетата на Вајмарската група, на денешната прес-конференција по средбата со вицепремиерот Бојан Маричиќ истакна дека пораката е едноставна и дека Полска, Франција и Германија сакаат активно да ја поддржат Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ и да и посакаат добредојде во Унијата.
-Знаеме колку може да биде процесот тегобен понекогаш, но направивме многу за отворање на процесот на преговори за пристапување, рече Шинковски.
Полскиот министер истакнува дека сега се е во рацете на македонската политичка класа.
-Договорени се измени на Уставот меѓу Северна Македонија и ЕУ што ќе ви овозможат да продолжите со следниот пресуден чекор кон членство во ЕУ. Секако ова ќе биде сериозна одлука за Северна Македонија. Ние имаме долга историја на пријателство, рече полскиот министер.
Полска по Граѓанската војна во Грција прими 14.000 бегалци од Граѓанската војна во Грција и помога во Скопје по трагичниот земјотрес во 1963 година.
-Денеска сме сојузници во рамките на НАТО, тесно соработуваме со тројката на ОБСЕ и сакаме да ни се приклучите што поскоро. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија кон нејзиното членство во ЕУ не само во политички по формална смисла, туку и преку важни проекти, рече Шинковски.