Законот беше гласан од присутните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, останува понатамошната фаза каде ќе се поднесат амандмани за подобрување на текстот, кратко одговорија од опозициската партија за „Локално“ на прашањето зошто 36 пратеници од нивната партија не го гласаа предлогот на законот за употреба на македонскиот јазик.
Бидејќи не гласаа за законот да го помине првиот филтер, односно првото читање, сега тој треба да отиде на јавна расправа
На истото прашање до партијата Левица, која е застапена со двајца претставници во македонското собрание, не добивме одговор „зошто не кренаа два прста“ за предлог законот.
Во јавноста наиде на голема критика фактот што пратениците од најголемите македонски опозициски партии не гласаа за Законот за македонски јазик. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи им порача дека „не функционираат од истото ниво на почит кон себе“.
-Вие не сте ја искористиле парламентарната привилегија да гласате за Вашиот мајчин јазик, а јас очекувам да имате почитување за мојот. Сега разбирам дека Вие и јас не функционираме од истото ниво на почит кон себе а секако после и кон другиот. Вие ја немате, јас ја имам. Поздрав, објави вицепремиерот на својот Фејсбук профил.
Покрај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и двајцата пратеници од Левица и пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, не гласаа за новиот Закон.
Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик властите влегоа во процес на дополнителна заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Како што наведуваат предлагачите, односно Министерството за култура, ова е сеопфатно законско решение преку кое ќе биде отсликана реалната состојба со променливата природа на јазикот, а секоја институција ќе биде задолжена да го применува стандардниот јазик. Законското решение во моментов е во собраниска процедура и неочекувано за досегашната практика, начелно добива поддршка од сите политички партии.
Еден од новитетите во законското решение е создавање Инспекторат за употреба на јазикот, но и дополнително изучување и афирмација на јазикот во странство. Во новиот текст се предвидуваат и задолженија за Министерството за образование и наука. Па така, секој мај во тековната година МОН ќе распишува конкурс за стипендирање ученици од четврта година средно образование за да ги стимулира учениците за запишување на универзитетите за изучување на македонскиот јазик.
Н.П.