Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир во новоотворената Европска куќа во Велес присуствуваше на отворањето на изложбата „На работ на зборовите“, на галеријата „Акантус“, а под кураторство на Дијана Томиќ-Радевска.
Со отворањето на изложбата македонските уметници Оливер Мусовиќ, Славица Јанешлиева, Нехат Беќири, Александра Петрушевска Ристевска, Анета Попова и Стефан Младеновски, преку своите дела, со велешани ја споделија уметничката порака за моќта и поврзаноста на зборот, јазикот и комуникацијата.
Костадиновска-Стојчевска честитајќи го отворањето на новиот урбан простор во Велес рече дека – „Новата петта по ред Европската куќа, е нов дом за велешани и за сите оние кои што веруваат во значењето на дијалогот и размената на идеи, за сите кои со гордост ја негуваат својата култура и традиции и кои го споделуваат идеалот на обединета Европа“.
Во новиот урбан простор на Европската куќа во Велес прозвучија и стиховите од великанот на современата македонска поезија Кочо Рацин, кои ги прочита младата поетеса Марија Грубор придружувана со гитарски настап на џез музичарот Филип Букршлиев.