Уапсен е поранешниот министер за одбрана на Доњецката Народна Република, Игор Стрелков, дознава RBC повикувајќи се на извори.
Сопругата на Стрелков го потврдила апсењето. Според неа, членови на Истражниот комитет упаднале во нивната куќа околу 11:30 часот и го однеле нејзиниот сопруг во непознат правец.
Таа вели дека Стрелков е обвинет според член 282 од Кривичниот законик на Руската Федерација, кој опфаќа екстремизам.
Кој е Стрелков?
Игор Гиркин наречен Стрелков е поранешен агент на ФСБ и десничарски националист, кој беше во центарот на настаните во Украина.
Имено, тој со група вооружени лица во 2014 година пристигнал на Крим, каде според неговото признание, со закани со оружје ги принудиле локалните претставници да гласаат за референдум за отцепување.
По референдумот тој го напуштил Крим, но набрзо повторно влегол во Украина, овој пат во регионот на Доњецк, повторно со група вооружени лица.
Неговиот тим ги окупираше административните згради во Славјанск и најави создавање на ДНР. Гиркин дури извесно време беше министер за одбрана на ДНР.