Температурите измерени во јули највисоки во изминатите 120.000 години

од Stefanija Kuzmanovska
277 прегледи

Група научници кои ги проучуваат климатските промени заклучија, споредувајќи ги температурните рекорди, дека температурите измерени овој месец се највисоки во изминатите 120.000 години, а веројатно и во историјата на цивилизацијата.

Да немаше климатски промени, вакво нешто најверојатно никогаш немаше да се случи, вели Маријам Захарија, научник од Кралскиот колеџ во Лондон, која ја води студијата.

Таа прецизираше дека топлотните бранови во Европа и Северна Америка би биле „буквално невозможни“ без зголемување на температурата во изминатите 200 години, пренесува „Гласот на Америка“.

Влијанието на климатските промени е видливо во топлотните бранови кои овој месец ја погодија планетата, а кои стануваат се почести, се наведува во студијата.

Исто така, беше откриено дека согорувањето на јаглен, нафта и природен гас, што предизвикува зголемување на температурите, го направи топлотниот бран во Кина 50 пати поверојатен, со потенцијал да се случува на секои пет години.

Емисијата на штетни гасови предизвика температурата во Европа да биде за два и пол степени повисока, во САД и Мексико за два, а во Кина за еден степен.

Од индустриската револуција, глобалната температура се зголеми за 1,2 степени, така што не е чудно што улогата на климатските промени во сегашното затоплување е голема, вели научникот од Кралскиот колеџ во Лондон, Фридрика Ото.

Особено топли бранови во Тексас, Калифорнија, Аризона, Ново Мексико, Невада, Долна Калифорнија, Сонора и Чивава ќе се појавуваат еднаш на секои 15 години, покажува студијата.

Научниците предупредуваат дека топлотните бранови како овие што ги имаме сега ќе бидат уште почести доколку температурата се зголеми дури и за помалку од еден степен.

Брановите во Шпанија, Италија, Грција и на Балканот ќе се појавуваат на секои 10 години доколку вака се продолжи, покажува студијата.

Во Европа и Северна Америка, покажува истражувањето, климатските промени предизвикани од луѓето не се единственото нешто што предизвикува топлина, туку е неопходна состојка, бидејќи природата не би можела сама да го предизвика тоа.

Слични содржини