Шешов за заштита од земјотреси: Имаше обиди од одредени правни субјекти за компромитирање при процесот на контрола согласно Законот за градење

од Nikola Popovski
414 прегледи

Скопската котлина е сеизмички активен регион и согласно досегашните сознанија и истражувања на сеимзичкиот хазард, се очекуваат локални земјотреси со максимална магнитуда М=6.0 – 6.5. Во контекст на фрекфенцијата на појава на вакви силни земјотреси , досегашните резултати и податоци упатуваат на тоа дека за скопското епицентрално подрачје очекуваниот повратен период е 500 г. Меѓутоа тоа експлицитно не значи дека треба да поминат 500 години за да се случи силен земјотрес, од веројатносен аспект тоа значи дека во тој период се очекува појава на еден земјотрес со таа магнитуда, вели за „Локално“ директорот на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИС), Влатко Шешов, објаснувајќи нам дали се научени лекциите од катастрофалниот земјотрес во Скопје пред 60 години.

Според него, во нашата држава согласно Законот за градење , во чл.4а е дадена обврската дека сите градежни проекти треба да се достават до Научен институт специјализиран од областа на земјотресно инженерство и да се изврши контрола дали истите се во согласност со техничките прописи и техничката регулатива и согласно на таа контрола треба да се добие мислење за проектираниот степен што е неопходно за добивање на одобрение за градење.

Покрај контрола во фазата на проектирање има и две контроли во фазата на изведба за објекти со површина поголема од 300 м2. Овој процес на контрола од 2013 г во согласност со одобрен и објавен ценовник за овие услуги во Сл. Весник, е доделен на ИЗИИС, секако со одлука и согласност на Владата. Во изминативе 10 г. ИЗИИС со висока професионалност и посветеност успешно го реализира овој процес на дополнителна контрола , и со тоа придонесува за обезбедување на потребното ниво на сеизмичка заштита на градбите. Во изминативе години имаше обиди од страна на одредени правни субјекти за компромитирање на овој процес , за што од наша страна благовремено го информиравме Министерството за Транспорт и врски, истакнува Шешов.

Истакнува дека науката постојано ги унапредува своите истражувања и анализи согласно со новите податоци и информации кое се снимаат за движењата на тлото .

Ова се многу драгоцени информации врз основа на кои се апдејтираат студиите за сеизмолошката активност на одреден регион. Поголем обем и поквалитетни податоци од движењета на тлото , придонесува за поверодостојни резултати за очекуваните магнитуди и фрекфенцијата на појавување на земјотреси. За таа цел во голем број на земји со изразена сеизмичност, се поставуваат голем број на инструменти за континуиран мониторинг на движењата на тлото и со тоа се постигнува голем прогрес во научните сознанија. Вака поставени и димензионирани мрежи на инструменти, овозможува да се организира и т.н. систем за рано предупредување од земјотреси. Меѓутоа ваквите системи имаат свои ограничувања особено за временската реакција во случај на земјотреси од локални жаришта. Имаат и свои предности пред се за земјотреси од оддалечени жаришта и евентуално за рано предупредување за појава на цунами, посочува соговорникот.

За тоа дали е полесно да се предвиди веројатноста за посилен „афтершок“ по првиот, главен шок, експертот вели дека вообичаено е после главниот “main shock” , тлото сеуште продолжува да се тресе.

Овој период на after shock-ови зависи од поголем број на фактори. Секако земјотрес со поголема магнитуда придонесува овој период да биде подолг и да има поголеми after shock-ови. Меѓутоа секој земјотрес е своја приказна и има голем број примери кои покажуваат многу специфично однесување на тлото после главниот удар. И тука може да се дебатира бидејќи има случаи на земјотреси кога е тешко да се констатира што е “main shock” , а што се последователни потреси, бидејќи и тие последователни потресинекогаш се појавуваат со големи магнитуди блиски до самиот главен земјотрес. Врз овие појави на последователни потреси , секако има влијание и самата структура на раседите кои се активирани при главниот потрес и потоа може да се активираат и соседните раседни структури, објаснува Шешов.

Директорот на ИЗИС потенцира дека тлото има големо влијание врз ефектите и манифестацијата на земјотресите, како и врз однесувањето на градежните објекти. Како што вели, тлото има влијае врз ширењето на сеизмичките бранови и тоа пред се на амплитудно-фрекфентниот состав.

Во најголем број на случаи тлото го амплифицира сеизмичкото дејство и забрзувањето, при што се зголемуваат сеизмичките сили врз објектите. Меѓутоа ова влијание е многу комплексно и има геолошки услови  т.н. меки почвени услови кога сеизмичкото дејство се намалува , има деамплификација на забрзувањето, меѓутоа истовремено се зголемуваат поместувањата , што пак од друга страна многу негативно влијае на однесувањето на објектите. Тука постојат и многу други ефекти на локалните почвени услови , како што е појавата на ликвифакција односно комплетно губење на крутоста и тлото се однесува како вискозна течност и независно каков објект се наоѓа , истиот комплетно станува неупотреблив и ја губи својата функција, вели Шешов.

Порачува дека нивниот Институт е одговорен за мрежата на инструменти за мерење на силни земјотреси , која е наменета пред се за утврдување на ефектите од земјотресите врз градежните објекти и човековата околина, додека за дефинирање на статистиките на случените земјотреси во нивниот извор, надлежна е мрежата од Сеисмолошката опсерваторија во Скопје.

Н.П.

Слични содржини