Хоџа и Бајрами се отцепуваат од БЕСА и ќе формираат нова политичка формација

од Nikola Popovski
447 прегледи

Заменик-претседателот на БЕСА, Арјанит Хоџа денеска на прес-конференција најави дека ќе формира нова политичка формација.

Хоџа соопшти дека почнувајќи од денеска тој и повеќемина негови сопартијци, меѓу кои и пратеникот Бајрами кој од вчера најави дека во иднина ќе делува како независен пратеник, ќе функционираат како посебна политичка формација и оти ги отвораат вратите за сите оние кои сакаат да станат дел од овој политички проект.

Како што меѓу другото истакнал, ќе придонесат преку нивниот претставник во Собранието за што поскоро да се случат уставните измени и да се пристапи кон отворање на патот за членство во ЕУ.

Ова доаѓа после обидот за окрупнување на албанскиот опозициски блок, откако поранешниот член на ДУИ, Изет Меџити, кој најави дека ќе формира ново политичко движење, седна на иста маса со лидерите на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши.

Токму Меџити објави дека разговарале за принципите на нивната идна соработка за обединување на албанската опозиција, чија цел е пресврт на силите, односно испраќање на ДУИ во опозиција на следните парламентарни избори. Лидерот на Движењето Беса, Касами, средбата ја оцени како многу конструктивна, а на која, како што вели, било разговарано за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена.

Претходно Хоџа се огради од новиот опозициски блок меѓу Касами, Гаши и Меџити.

Слични содржини