Ако уживате во лежење на сонце и го сакате оној исончан тен кој непогрешливо кажува дека сте одмарале на плажа, треба соодветно да ја подготвите и заштитите кожата.
Тоа е важно не само заради здравјето на вашата кожа, туку и за да го задржите подолго исончаниот тен.
Ново руво
Најпрво, ослободете се од мртвиот слој кожа. Почнете со благи пилинзи неколку недели пред да отидете на одмор, за да може кожата да има време да се регенерира.
Ако не го отстраните површинскиот слој кожа, тогаш побрзо ќе го изгубите тенот бидејќи тој слој изложен на сонце побрзо ќе падне, а и ќе го имате она непријатно лупење на кожата.
Нахранете ја кожата
Откако ќе се ослободите од „зимското руво“, навлажнете ја кожата за да ја одржите нејзината еластичност и отпорност.
Одбегнувајте тешки, мрсни кремови за лице и тело со кои само ќе ги затворите порите. Изберете лесни, хидратантни текстури со хранливи состојки и антиоксиданси, како алое, камилица, невен.
Пред спиење може да користите природни масла, како арганово.
Заштита
Кожата на лицето, вратот, деколтето и рацете треба секојдневно да ја заштитите со крем со заштитен SPF, по можност 30.
Кога станува збор за сончање, факторот нека биде 50 и не штедете на слоеви и редовно нанесување на кремот додека се сончате, особено ако влегувате и во вода.