Необична комета која лета кон Сонцето доби „рогови“ откако експлодираше и исфрли ледена магма во вселената. Ова е првпат оваа комета, наречена 12P/Pons-Brooks (12P), да еруптира по 70 години, објави LiveScience.
Криовулканската комета (комета од ладен вулкан) е ледено небесно тело со цврсто јадро, исполнето со мешавина од мраз, прашина и гас. За разлика од другите комети, гасот и мразот во јадрото на 12P се акумулираат толку многу што може да експлодира и да ја исфрли неговата ледена внатрешност, наречена криомагма, низ пукнатините на обвивката.
На 20 јули, неколку астрономи забележаа силна експлозија на кометата, која одеднаш стана 100 пати посветла од вообичаеното, објави Spaceweather.com. Комата на кометата е исполнета со гас и ледени кристали од јадрото, предизвикувајќи таа да рефлектира повеќе сончева светлина од вообичаеното.
City-size comet headed toward Earth 'grows horns' after massive volcanic eruption https://t.co/HEzrJP3GgN
— Live Science (@LiveScience) July 27, 2023
„До 26 јули, кометата порасна за околу 230.000 километри, што е речиси 7.000 пати поголема од ширината на јадрото, за кое се верува дека е широко околу 30 километри“, рече Ричард Мајлс, астроном од Британската астрономска асоцијација и експерт за криовулкански комети, за LiveScience.
Интересно е што кометата, нормално со големина на град, со оваа ерупција добила необичен облик – изгледа како да има рогови. Некои научници ја споредија и со „Милениумскиот сокол“, познатиот вселенски брод од серијата „Војна на ѕвездите“.
„Необичниот облик на комата на кометата веројатно е последица на необичната форма на самото јадро 12P. Ова е прва голема ерупција забележана на 12P во последните 69 години. Сепак, причината е што обично е доволно далеку од Земјата за да биде забележана“, изјави Мајлс.
Кометата 12P има еден од најдолгите орбитални периоди – потребни се 71 година за да орбитира околу Сонцето, кога ќе стигне до најоддалечените делови на Сончевиот систем. Кометата сега се приближува до Сонцето и ќе биде најблиску до него на 21 април 2024 година, а најблиску до Земјата на 2 јуни 2024 година, кога ќе биде видлива на небото, објави Spaceweather.com.
Кометата 12P не е единствената вулканска комета која научниците ја следат. Во последниве години, имаше неколку ерупции на кометата 29P/Schwasmann-Wachmann, најсилната во нашиот планетарен систем.