Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ повтори дека власта е спремна за дијалог околу уставните измени со опозицијата. Како што вели, странското присуство тука е постојано и имавме голем број министри и државници и сите ја испратија истата порака.
Како Влада сме отворени за секоја иницијатива за разговор. Аргументите се долго време на маса и како ќе се реализира. Една година разговараме за предлогот и како ќе се реализира. Треба да бидеме искрени и доколку сакаме добро за државата. Ќе дојде време и за избори и политичка борба, но важно е сега да не видат граѓаните дека можеме заедно да направиме нешто за нив, рече Маричиќ денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Доколку се појави потреба и има желба од опозицијата, вели Маричиќ, за лидерска средба – ние нема да бидеме страната која што ќе одбие и нема да учествува.
Според него, било какво пролонгирање на рокот за уставни измени, би било на наша штета како држава.
Не е проблем, но имајте предвид дека после Нова година ќе започнат процедурите за претседателски избори, а тие се врзани со рок. Сегашниот мандат на Пендаровски истекува на 12-ти мај. На почетокот на јуни има избори за Европски парламент во ЕУ и фокусот ќе биде на друго место. Нашата цел е да останеме во фокусот, а тоа е можно ако ги завршиме нашите обврски до крајот на процесот на скрининг, дециден е вицепремиерот.
Маричиќ смета дека идеално би било во текот на месец септември да биде усвоен Извештајот за скринингот за првиот кластер и да ја добиеме поканата за доставување на патоказите.