Бесими: Концептот на данокот на солидарност се заснова на тројството заедништво, општествена одговорност и правичност

од Vladimir Zorba
821 прегледи

Генералното Собрание на Обединетите Нации, на 22 декември 2005 година, со Резолуцијата 60/209 ја дефинира солидарноста како една од основните и универзални вредности што треба да бидат во основата на односите меѓу луѓето во 21-от век, и во тој поглед одлучи да го прогласи 20 декември секоја година меѓународен Ден на човековата солидарност. Во декември 2022 година, по коинциденција, ние ги почнавме јавните дебати и консултации за данокот за солидарност. Концептот на данокот на солидарност се заснова на тројството заедништво, општествена одговорност и правичност. Тоа се три принципи или три столба на кои се темели решението, пишува министерот Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

„Заедништво: Речиси две милијарди евра од државниот буџет во изминатите три години беа насочени за мерки за стопанството и за граѓаните кои имаа потреба од поддршка. Тоа беа средства од сите нас, даночните обврзници, за оние на кои им беше најпотребно. На тој начин се зачува куповната моќ и се подобри кредитната и платежната способност на многу наши граѓани, а на ранливите категории на фирми им се овозможи да продолжат со секојдневните деловни активности. Во спротивно, рецесијата ќе беше многу подлабока, а невработеноста ќе отстапеше од сегашниот надолен тренд и ќе беше на многу повисоко ниво. Данокот на солидарност ја има истата намена – да обезбеди средства за П1 програмата во буџетот (или уште позната во јавноста како антикризна програма), преку која се исплаќаа и ќе се исплаќаат сите антикризни мерки. Иако според економската теорија, даноците се недестиниран (општонаменски) приход, сепак приходот од данокот на солидарност како вонреден и еднократен данок ќе го овозможи финансирањето на антикризната програма.

Општествена одговорност: Во криза, секогаш има одредени дејности, сектори, фирми, кои имаат бенефит од состојбите и заработуваат повеќе. Да се врати дел од профитот, за да се поддржи економијата, развојот и социјалата, претставува општествена одговорност. Општествена одговорност е да го поддржиш општеството, кое ги создава условите за да функционираш и за да бидеш успешен.

Праведност: Сите треба да го плаќаме својот праведен дел од давачките, за да може целата економија и општество да просперираат. Во суштина, секој даночен систем се темели на придонес сразмерен на заработката/добивката. Оние кои се најуспешни треба да влечат напред и да придонесуваат кон општото добро.

„Солидарност“ е морална појава која се однесува на заемна помош или соработка помеѓу поединци и групи, особено во тешки околности и кризи. Оттаму, сметам дека името „Закон за данок на солидарност“ многу добро му прилега на законското решение кое го дискутираме во Собранието, а чие работно име првично беше Закон за данок на дополнителна добивка (екстра профит).

Низ економската историја, понова и подалечна, гледаме повеќе примери за данок на солидарност. Франција во осумдесеттите, Германија во деведесеттите години на минатиот век, а во поново време повторно Франција, Шпанија, Хрватска, Унгарија, Италија, Полска, Чешка, Белгија итн. Данокот на солидарност или солидарниот данок е давачка пропишана од државата за финансирање проект или цел која ги обединува општите интереси. Така, во Франција со данок на солидарност се оданочуваат високите приходи или високата вредност на имотот. Во Германија данокот на солидарност бил воведен за да се обнови источна Германија и да се собере фонд за економска поддршка. Со наглиот раст на цените во енергетскиот сектор минатата година, повеќе европски земји најавија и спроведоа закони за солидарност, а засегнати беа компаниите кои просперираа во тој период (но, за овие примери ќе елаборирам подолу во текстот). Тоа што сакам да го истакнам е дека даноците за солидарност се применувале низ историјата и се применуваат сѐ уште, од повеќе земји. Тие имаат за цел да се помогне и поддржи одредена кауза поврзана со подобрување на ситуацијата во економијата и општеството.

За спроведување на целите за фискална одржливост преку фискална консолидација, која меѓу другото значи и подобрување на наплатата на приходите, минатата година, по широка консултација со деловната, експертската и меѓународната јавност, започнавме со спроведување на даночната реформа, која се заснова на проширување на даночната база. Даночната реформа е еден обемен процес којшто ќе се реализира во повеќе фази, но кој главно се заснива на принципите праведност“, истакнува тој.

Слични содржини