Рускиот претседател Владимир Путин во саботата застана во одбрана на растечката репресија врз граѓанското општество и критичарите во Русија, велејќи дека тоа е неопходно поради руската офанзива во Украина.
„2023 година сме и Руската Федерација води вооружен конфликт со својот сосед. Мислам дека треба да имаме одреден пристап кон луѓето кои предизвикуваат штета внатре во земјата“, рече Путин на прес-конференција.
„Мораме да имаме на ум дека за успех, вклучително и во конфликт, треба да почитуваме одредени правила“, продолжи рускиот претседател.
Путин одговарал на новинарско прашање на „Комерсант“ за неодамнешното апсење на политикологот и театарски режисер Борис Кагарлицки и Евгенија Берковиќ, пишува Франс прес.
„Овие луѓе беа уапсени поради изговорени и напишани зборови, дали е тоа нормално?“, праша новинарот, споредувајќи го со сталинистичките прогони во 1937 година.
Кагарлицки, политиколог специјализиран за левицата во Русија, минатата недела беше осуден за „јавни повици за тероризам“ и затворен во Сиктивкар, град во северна Русија. Јавно се спротивстави на руската агресија врз Украина.
Берковиќ беше уапсена на почетокот на мај за „поддршка на тероризам“, за драма од 2020 година за Русинки регрутирани преку Интернет за да се омажат за исламисти во Сирија.
Путин инаку рече дека „прв пат ги слуша нивните имиња“ и дека зборува за ова прашање воопшто.
Од почетокот на офанзивата, Русија воведе закони кои спречуваат критики на руската војска. Голем број руски медиуми ги прекинаа своите активности или ја напуштија земјата, а илјадници луѓе се казнети.