Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека САД санкционирале четворица функционери од Босна и Херцеговина кои учествувале во донесувањето закон во Народното собрание на Република Српска, со кој се поткопува Уставот на Босна и Херцеговина, кој исто така е анекс на Дејтонскиот мировен договор.
Предложен од (претседателот на РС) Милорад Додик, кој е под американски санкции, оваа нова регулатива претставува дрзок обид за поткопување на државните институции. Законот ги загрозува стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и изгледите за интегрирање на земјата во евроатлантските и европските институции, на штета на граѓаните на Босна и Херцеговина, рече Милер, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, кој е „врховен орган за толкување на Дејтонскиот мировен договор, јавно го осудил законот како неприфатливо кршење на владеењето на правото и напад на уставниот поредок на БиХ“.
И покрај напорите на високиот претставник да го поништи законот, Додик го потпиша Указот за стапување во сила на законот на 7 јули 2023 година. Денешното соопштение за санкции е продолжение на претходните санкции и забраната за издавање визи за влез во САД, кои ги воведовме со цел да промовираме одговорност, мир, стабилност и функционална демократска влада во регионот на Западен Балкан, нагласи портпаролот на Стејт департментот.
Тој додал дека САД ќе продолжат да им даваат поддршка на граѓаните на БиХ во напорите за зајакнување на владеењето на правото и одржување на мирот и просперитетот.
САД воведоа санкции за српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, премиерот на РС Радован Вишковиќ, министерот за правда на РС Милош Букејловиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ, бидејќи , како што е најавено, овие политичари се директно одговорни за поттикнување на донесување закони во Народното собрание на РС со кои одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се прогласуваат за неприменливи во РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.