Велика Британија призна геноцид по петти пат во историјата, овој пат врз Јазидите

од Vladimir Zorba
314 прегледи

Велика Британија во вторникот официјално призна дека Исламската држава извршила „акти на геноцид“ врз Јазидите во Ирак во 2014 година.

Ова признание, објавено по повод комеморацијата одржана девет години по „злосторствата“ на ИД врз језидското малцинство, доаѓа по одлуката на германските судови, се наведува во соопштението за печатот на Британската дипломатија.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, Јазидката Надија Мурад, го поздрави „важниот гест“, изразувајќи надеж дека Лондон „сега ќе бара правда за жртвите“ со гонење на борците на ИД родени во Велика Британија.

„Светот не може да си дозволи да ги остави членовите на ИД на слобода“, бидејќи тоа ќе испрати порака дека може да се убива неказнето, нагласи таа.

Ова е петти пат како Велика Британија признава геноцид, по холокаустот, Руанда, Сребреница и Камбоџа.

Сојузниот суд во Германија на почетокот на годината ја потврди пресудата на поранешен борец на ИД за геноцид и злосторства против човештвото во Ирак.

Во август 2014 година, ИД започна напад на планината Синџар, историскиот дом на малцинството Јазиди во северен Ирак.

Илјадници мажи од таа заедница на курдско говорно подрачје, која џихадистите ја сметаат за „еретичка“, беа масакрирани. Жените биле киднапирани и продавани на џихадисти или одведени во сексуално ропство.

И денеска во Синџар се ексхумираат тела од масовни гробници. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), повеќе од 2.700 луѓе исчезнале.

Во меѓународното право, геноцидот е признат од 1948 година со Конвенцијата на Обединетите нации, која наведува голем број на злосторства што го сочинуваат, вклучително и убиства извршени „со намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или религиозна група“.

Слични содржини