Раководството на бугарскиот клуб Левски им се заблагодари на навивачите за поддршката на реваншот против македонскиот тим Шкупи.
Тимот од Софија победи со 1:0 против екипата од Скопје и со вкупни 3:0 се пласираа во третото квалификациско коло од Конференциската лига.
Левскари, ви благодариме за неверојатната поддршка на реваншот со ФК Шкупи. Не престанавте да бидете страсно зад тимот во текот на целиот натпревар и им дававте сила на играчите заедно да го коваат овој сладок и вреден успех. Уште еднаш докажавте дека сте 12-ти играч на Левски и покрај некои провокации направивме уште еден незаборавен „син“ празник. Ве очекуваме повторно на „Герена“ да му дадеме крилја на овој тим и да доживееме уште една незаборавна европска вечер!, соопшти клубот од Бугарија на својата официјална веб-страница.
Навивачите на Левски на вчерашниот натпревар во Софија, каде не присуствуваа навивачи на „Шкупи“, истакнаа огромен број навредливи пароли за македонскиот народ и најголемиот празник Илинден.
Тамошните фанови постојано пееја дека „Илинден за Бугарите е Велигден“. Имаше и други транспаренти на трибината кај најверните фанови на клубот.
Ако некој каже дека не сум Македонец ќе му го откинам јазикот, а ако каже дека не сум Бугарин ќе му ја откинам главата, стоеше на еден од транспарентите.