Изненадени од револтот на прилепските и кочанските пензионери, од Министерството за труд и социјална политика во изјава за „Локално“ велат дека протестите не се решение ниту тоа е барањето за линеарното покачување на пензиите.
На интензивните средби со пензионерите, велат од таму, на маса се неколку теми кои треба да го заштитат нивниот животен стандард, отворено се разговара за напорите да се амортизира растот на цените, да се утврди висината на минималната пензија, се разговара за финансиските пакети за поддршка во справување со енергетската и економската криза, како и за воведување на проектот Помош и нега во домот.
Поради ова и континуираната соработка со Здружението на пензионери, протестите се изненадување. Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување нема основ за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постои ни во земјите на нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји. Еднократното покачување од 3 500 денари не носи гаранција за стабилен раст на пензиите и сигурност на највозрасните граѓани на нашата земја. Тоа не навраќа во 2014 година, кога редовното законско усогласување беше ставено вон сила и се вршеше линеарно усогласување во фиксен износ од 600 денари еднаш годишно. Во 2015 год., еднаш годишно со фиксен износ од 621 денари и во 2016 год, еднаш годишно со фиксен износ од 654 денари. Овие износи не може да се споредат со заштитата и поддршката што како Влада им ја обезбедуваме на пензионерите изминатиот период, велат од МТСП за „Локално“.
Од таму се децидни дека Методологија за гарантиран постојан раст на пензиите е најреален начин на усогласување на пензиите затоа што ги следи двата клучни индикатори: трошоците за живот и просечната плата.
По зголемувањето од 8,4% во март, моменталната проекција за покачувањето на пензиите во септемрви според Министерството за труд, ќе биде најмалку 6% или вкупно 24 % во периодот од јануари 2022 до септември 2023 година.
Од друга страна,за поранешниот претседател на Сојузот на здруженија на пензионери и експерт за трето доба, Драги Аргировски, протестите на пензионерите се оправдани а најавеното септемвриско усогласување е несоодветно бидејки не ја покрива актуелната инфлација.
Проблемот го лоцира во Методологијата за услогласување на пензиите која важи од 1 март и 1 септемрви наместо од 1 јануари и 1 јули како што смета тој.
Додека најмалите пензии во септември ќе бидат зголемени за околу 700 денари, најголемите ќе добијат за пет и пол пати повеќе, така што тие веќе ја достигнааа висината од над 70.000 денари. Останаа најпогодени околу 90.000 пензионери со ниски пензии, но не се во подобра положба вкупно околу 180.000 пензионери кои имаат пензија до 15.000 денари, што е околу 80 проценти од вкупниот бро, објаснува Аргировски.
Според него пензионерите за лекарства месечно трошат околу 3.000 денари а проблем вели е и недостигот на термини за лекување во државните болници, поради што се принудени да користат услуги на приватни болници. Аргировски смета дека најниската пензија во земјава треба да изнесува 20 000 денари и дека е нужно потребен закон за минимална пензија кој на пензионерите ќе им гарантира подостоинствен живот.
К.В.С.