Бројот на загинати во катастрофалните поплави што ја погодија Словенија денеска се зголеми на шест, откако беа пронајдени телата на маж кој работел на поправка на штетите од поплавите и уште едно тело пронајдено во надојдената река Теменица, пренесува СТА.
Во текот на претходната ноќ, пожарникарите интервенирале за отстранување на последиците од поплавите во 57 случаи, најмногу во Помурје и Корушка.
Порталот „24.ur“ наведува дека одредени области се уште се поплавени, многу патишта се уште се затворени, а надлежните служби предупредуваат дека со повлекување на водата, ризикот од одрони на тие места ќе се зголемува.
Во некои населени места веќе се појавија свлечишта, најмногу во долината Корушка и Савињска, а Геолошкиот завод на Словенија го предупреди населението во загрозените подрачја да внимава на стагнацијата на површинските води, новите пукнатини на патиштата и појавата на нови одрони. .
Во отстранувањето на последиците од поплавите помага и армијата, а словенечката Електропривреда успеа да воспостави снабдување со електрична енергија во целиот дел на Черна, во Жерјаво и Јазбина, додека селата Бистра, Копривна и Топла се уште немаат струја.