Руската рубља падна на најниско ниво во однос на доларот од март 2022 година. Според податоците на Московската берза, американскиот долар денеска за прв пат од 25 март минатата година вредеше повеќе од 97 рубљи, пренесува Комерсант.
Во 11:22 часот доларот благо падна на 96,74 рубљи за долар. Еврото се продава за 105,6 рубљи, а кинескиот јуан за 13,3 рубљи.
Во првата недела од август, курсот на доларот на берзата надмина 96 рубли за долар за прв пат од март 2022 година, а курсот на еврото беше над 106 рубли за евро.
Оваа динамика е последица на недоволната понуда на девизи во услови на намален извоз, како и сезонската висока побарувачка на девизи.
Нема многу фактори кои би можеле да го сменат овој тренд, а растот на цената на нафтата може да влијае само на рускиот девизен пазар наесен, се вели во анализата.
Како што истакнува главниот аналитичар на Промсвјазбањка (ПСБ) Денис Попов, падот на надворешно-трговскиот суфицит на Русија е главниот фактор за слабеење на рубљата.
Попов предвидува дека доларот ќе падне на 95 рубљи наесен „кога ќе се стабилизира надворешно-трговскиот биланс“.