Руски напад на истокот на Украина: Најмалку осум загинати

од Nikola Popovski
259 прегледи

Најмалку осум лица загинаа кога две руски ракети синоќа погодија зграда во Покровск, во источна Украина, соопштија украинските власти.

Во таа област, руската армија тврди дека напредува во последните денови.

Во нападот загинале пет цивили, а 14 се ранети, напиша преку Телеграм шефот на воената управа на Доњецк, Павло Кириленко. Тој додал дека според нивните сознанија загинале двајца вработени во државната спасувачка служба и еден војник, а ранети се девет полицајци, еден службеник во локалната администрација и еден војник.

Новинарите на агенцијата Франс прес во Покровск виделе како спасувачите работат околу тешко оштетената петкатна зграда, ги евакуирале повредените од урнатините и ги спуштале жителите заглавени во становите користејќи големи скали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Русите погодиле станбена зграда и дека за жал има жртви.

Зеленски објави видео на кое може да се види како луѓето излегуваат од урнатините на петкатн зграда.

Покровск пред војната имал 60.000 жители.

„Време е да се каже добра ноќ, но операцијата за спасување продолжува. Денеска сме обземени од тага, гнев и солзи“, напишаа на Фејсбук од воената управа на Покровск.

Воените власти на регионот Харков во североисточна Украина одделно известија дека двајца цивили, еден маж и една жена, се убиени во синоќешниот руски напад врз селото Кругљакивка, во кој во гранатирање претходната ноќ беа убиени двајца мажи.

Русија вчера објави дека напредувала кон Купјанск, град во источна Украина, кој се наоѓа на околу 150 километри од Покровск, во зоната што украинските сили ја вратија од Русите во септември, а која беше под руска офанзива во последните неколку недели.

Во средината на јули, Украина призна дека е во одбранбена позиција во регионот на Купјанск, каде што руската армија ја започна офанзивата, а оттогаш Москва известува дека полека излегува на терен.

Слични содржини