Дваесет и две години по трагедијата која зави 10 прилепски семејства црно. Државниот врв и политичките партии со положување свежо цвеќе денеска ќе ја одбележат жртвата на десетмината бранители кои загинаа во заседа кај Карпалак во воениот конфликт во 2001-та година.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски ќе ја предводат делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија која на Карпалак ќе положи венец во спомен на бранителите.
Делегација на Собранието во состав: Миле Талевски, Олга Лозановска и Ане Лашкоска, ќе положи свежо цвеќе пред комплексот Карпалак, во центарот на Прилеп.
На 8 август 2001 година околу 10 часот конвој на АРМ беше нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.
Заседата кај Карпалак донесе дополнителна неизвесност на конфликтот во 2001-та. Трагичниот настан се случи во моменти кога се преговараше Рамковниот договор и кој го стави неговото потпишување под знак прашалник.