Директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска денеска информира дека 11 лица ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор по контакт со заразената болничарка со конго-кримска хеморагична треска.
Младеновска појасни дека тие 11 лица ќе треба да се јавуваат и да бидат во контакт со дежурниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје-Скопје и да немаат контакт со останатите од потесното семејство.
Тоа не е класична изолација, но не треба да имаат контакт. Да издржат овие 14 денови за да не се прошири заразената. Искрено се надевам дека ова ќе биде последниот случај. Од претходните 29 контакти, една еве се потврди. Вкупно имаме здравствен надзор издадено за 40 лица, рече Младеновска пред медиумите.
Ова доаѓа откако пред неколку дена 27-годишна жена од Штипскиот Регион почина како резултат на болеста.
Од Комисијата за заразни болести порачаа дека нема простор за паника. Велат дека случаи имало и ќе има, но не сме на раб на нова епидемија.