Пензионерите од Скопје денеска излегоа на мирен протест во Жена парк, со што го искажаа своето незадоволство поради, како што велат ниските пензии. Имаат повеќе барања, меѓу кои се покачување на минималната пензија, односно таа да биде во висина на минималната плата.
Второто барање е покачувањата да бидат линеарни, а да не бидат процентуални. За сите пензионери да бидат по 3500 денари. Нема зошто да има разлика. Пензионер не придонесува повеќе и нема зошто повеќе да се прави категоризација на висината на покачувањето. Цените и продавниците се за сите исти, рече една од присутните пензионерки на протестот.
Според неа, во моментов не може да се живее со пензиите. Вели дека ги слушаат надлежните со нивните објаснувања и сметаат дека тие не држат.
Покачувањето на платите на функционерие за 78 отсто можеше одма да се донесе, а за нас е долг патот. Чашата е прелеана, кажа пензионерката, нагласувајќи дека има најава за еден голем протест на сите пензионери во државата.
Пензионерката Вера Стојановска пак побара пензијата да биде минимум 25 илјади денари бидејќи како што рече, се е покачено.
Уште немаме пробано лубеница од што не можеме да си дозволиме овошје. Да не зборуваме за сирење, кашкавал… На внуците не можеме ниту чоколадо да им купиме. Барам што поскоро ова да се заврши. Не можеме да го издржиме месецот. Барањето да се усвои, кажа Стојановска пред присутните новинари.