Избодениот навивач на Левски раскажа за инцидентот: Бевме на погрешно место во погрешно време

од Nikola Popovski
443 прегледи

Бугаринот Драгомир Андонов кој беше прободен со нож во скопската населба Чаир на денот на натпреварот меѓу Шкупи и Левски, првпат во јавноста проговори за немилиот настан кој се случи пред две недели. Тој тврди дека немало провокација од нивна страна, иако неколку автомобили со бугарски навивачи поминале низ населбата од каде што доаѓаат повеќето фанови на Шкупи. Андонов обелодени дека имал повреда во црниот дроб и во првите мигови повредата била опасна по живот.

Како што вели, „бевме на погрешно место во погрешно време“ , истакнувајќи дека првично не сфатил дека е избоден.

Сообраќајот беше се погуст. Имаше семафор. Стигнуваме до раскрсница и се фаќаме во сообраќаен метеж – автомобилот тргнува, па застанува. Стоиме мирно и чекаме. Седам зад совозачкото седиште и од страна забележувам момче на околу 25-30 години како оди покрај колата. Го гледам на ниво со прозорецот и почнува да ме влече. Посегна по мојот шал и почна да влече. Кога се обидов да се повлечам, одговорот беше тупаница во окото. Бев помодрен и отечен. Постојано ме влечеше, не се откажуваше. Решив да ја отворам вратата. Момчињата почнаа да доаѓаат во правец накај нас. Повеќе луѓе се собраа зад момчето што го влечеше шалот. Еден од нив извади стап и со него ме удри по главата. Почнаа да пристигнуваат повеќе луѓе. Имам три конци, истакнал Андонов во интервју за бугарска „Нова“.

Според неговите зборови, тој и неговите пријатели се обиделе да се вратат во автомобилот и да ги затворат вратите.

Подоцна сфатив дека сум бил избоден. Ситуацијата се случи за помалку од 2 минути. Фрлаа по нас со цевки и шишиња. Беше како во филмовите, работите се развија толку брзо. Страшен шок. Кога избегавме, застанавме да видиме колкава е штетата и чувствувам дека целата маица ми е мокра. Видов дека има многу крв и убодна рана. Едното момче со нас беше доктор и ми даде прва помош, по што тргнаа да бараат полиција, истакнал меѓу другото Андонов.

МВР веќе идентификуваше четири лица на возараст од 28 до 32 години кои учествуваа во инцидентот во Чаир. Против нив беа поднесени кривични пријави за насилство, а на барање на Обвинителството им беа одредени мерки на претпазливост. Од Обвинителството соопштија дека потрагата по лицето кое е осомничено дека го избол бугарскиот државјанин сеуште трае.

Слични содржини