Телефонски разговори на Османи со Бајрамов и Мирзојан: „Треба да преовладуваат хуманитарните аспекти“

од Stefanija Kuzmanovska
269 прегледи

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска, непосредно при неговото пристигнување во Астана, што е дел од неговата централно азиска турнеја, поради сензитивноста што се случува во Лачин Коридорот и потребата за итно реагирање, имал два одделни телефонски разговори со министрите за надворешни работи на Азербејџан и на Ерменија, Џејхун Бајрамов и Арарат Мирзојан.

Османи, соопштија од МНР, изразил загриженост за состојбата околу коридорот Лачин и влијанието врз цивилното население, особено ранливите групи, вклучително жените и децата. Тој истакнал дека внимателно ја следи ситуацијата во Лачин коридорот и го повторил својот повик за конструктивен и продуктивен дијалог како авенија за одржливи решенија, за доброто на локалното население.

„Претседавачот Османи истакна дека треба да преовладуваат хуманитарните аспекти и непосредните потреби на луѓето. Воедно ја потенцира потребата за користење на ОБСЕ механизмите и соодветни мерки како дел од решенијата за нормализирање на односите и градење доверба меѓу Ерменија и Азербејџан“, соопштија од МНР.

Османи, ја потврдил својата подготвеност да продолжи со личниот, активен ангажман со страните и во таа насока, повторил дека Северна Македонија е подготвена да понуди платформа за дијалог, додавајќи ги напорите и можните решенија за одржлив мир.

Слични содржини