Во деновите кога се уште се пишува за бруталното убиство на Михалис Кацурис, навивач на атинскиот клуб кој беше избоден до смрт ден пред натпреварот меѓу АЕК и Динамо Загреб, уапсени се десетици лица.
За убиството е осомничена група навивачи на Динамо. Фанови на АЕК денеска дојдоа пред судот каде биле донесени уапсените хулигани на Динамо.
Првите навивачи биле донесени околу 10:30 часот по локално време, при што полицијата ги блокирала сите приоди кон судот поради можна одмазда. Група од околу 150 навивачи на АЕК стоеле пред судницата и пееле навивачки песни.
Некои од нив со шишиња фрлале по полицајците, иако се дознава дека можеби цел биле и новинари, пишуваат Грците.
Во еден момент дошло до сериозни тензии, настанала тепачка пред капијата, по што групата се повлекла преку улицата и оттаму продолжила да ја гледа ситуацијата.
Се очекува денес да бидат изведени на исказ пред судот првите 30 хулигани, од вкупно 105.