Ако се водиме по тоа што секој поставува знамиња за Кутлеш, за голема Албанија, треба секој ден да затвораме луѓе, порача Изет Меџити по реакциите во јавноста за веењето на знамето на голема Албанија во Тетово.
Тој на денешното Собрание на новоформираната партијата Демократско движење одговорајќи на новинарско прашање на случувањата во Тетово ѝ порача на јавноста да гледа попозитивно на посетата на косовскиот премиер Курти.
„Мислам дека на таа посета треба да се гледа позитивно, промовира заеднички проекти како патот Tетово-Призрен кој ќе ги зближи луѓето, ќе придонесе за економски развој поголем туризам. Ќе ве замолам попозитивно да размислувате. Јас гледам дека по секоја цена сакате да најдете нешто. Тоа беше митинг. Секој ден ни се случува, јас гледам и карти од голема Македонија. Ние бевме и во општина Тетово каде пред општинската зграда има и македонско и албанско и општинско знаме, ако сакаме да гледаме, да проблематизираме по секоја цена“, изјави тој.
Посочи дека примерот со улицата „Демачи“ не треба да биде проблем, оти како што појасни тој станувало збор за личност со европска вредност.
„Мислам дека помина времето кога Албанците се држеа под притисок и еве примерот со Демачи е чиста глупост, бидејќи тој е европска вредност. За волја на вистината, јас каде што живев улицата беше ‘7 јули’ ден на српското востание, друга улица е Кримска, значи нема врска, ни со Албанците кои живеат таму, ни со Македонија“, подвлече тој.