Грчката телевизија „Скај“ објави ново видео од тепачката меѓу навивачите на АЕК и Динамо минатиот понеделник во Атина. Според објавеното, на видеото се гледаат последните моменти на Михалис Кацурис, кој почина откако беше избоден.
На видеото најпрво се гледа како навивачите на АЕК трчаат кон навивачите на Динамо, а меѓу нив е и Михалис, кој носи моторска кацига. Во следните секунди се гледа како Михалис трча во спротивна насока, а еден од навивачите, очигледно симпатизер на Динамо, го удира со шипка по грбот и главата.
Во третиот дел од видеото, се гледа дека Михалис влегува во блиска продавница, облеан во крв, а потоа паѓа на земјата. На крајот се појавува и екипа на Брзата помош.
Како што наведуваат грчките медиуми, Михалис веќе бил прободен со нож во грбот пред да биде удрен со шипка.
Денеска е закажан првиот натпревар од двомечот Динамо Загреб-АЕК, кој треба да се одигра на „Максимир“ во Загреб.